Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО) денеска треба официјално да одлучи дали Охрид ќе биде ставен на Листата на светски културни и природни богатства во опасност или земјава ќе добие дополнителен рок од две години за имплементација на препораките на УНЕСКО.
Како што вчера објави 360 степени, постигнат е компромис врз основа на кој на Северна Македонија и се дава нов рок од уште две години во кој мора да ги исполни препораките и со тоа да успее да го задржи статусот на Охридскиот регион.
Според извор вклучен во преговорите, компромисот предвидува прецизна листа на обврски и временски одредници за нивно извршување, како и строг надзор од УНЕСКО.
Министерката за култура, Ирена Стефоска, во своето обраќање пред учесниците на 44.сесија на Комитетот која се одржува во кинескиот град Фуџоу во Кина, побарала продолжување на роковите за да се овозможи натамошно дејствување во сите сфери за дополнителна заштита на светското културно и природно богатство. Таа посочила дека земјава изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО.
На продолжување на рокот за имплементација на препораките од УНЕСКО се надева и премиерот Зоран Заев, кој вчера при посетата на Охрид истакна дека државата ќе ја почитува таа одлука и ќе се стреми за имплементација на препораките за задржување на статусот на Охридскиот регион.