Во текот на 2021 година, 59,1 милиони луѓе биле присилно раселени во нивните земји
Обединетите нации објавија извештај во кој се наведува дека во текот на 2022 година, повеќе од 100 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови поради конфликти, насилство или катастрофи, но дека овие луѓе ретко биле на насловните страници на светските медиуми.
„До 2050 година, климатските промени би можеле да принудат повеќе милиони луѓе да ги напуштат своите домови, да ги напуштат своите сегашни животи и средства за живот и да се преселат во побезбедни области“,
се вели во извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Во текот на 2021 година, 59,1 милиони луѓе биле присилно раселени во нивните земји.
„Меѓутоа, тоа беше пред војната во Украина и другите настани што се случија оваа година. Само војната во Украина создаде уште шест и пол милиони раселени луѓе“,
изјави Лука Ренда, висок советник во ОН.
Во извештајот се нагласува дека оваа невидлива криза е предизвикана од недостатоци во развојната поддршка. Се посочува дека е потребна долгорочна развојна акција за да се сменат рекордните нивоа на внатрешно раселување, при што се предвидува дека ќе бидат раселени уште милиони луѓе поради климатските промени.
Внатрешно раселените лица се борат да ги задоволат своите основни потреби, да најдат пристојна работа, да имаат стабилен извор на приход, да имаат здравствени услуги и можност за образование на своите деца. Најмногу страдаат жените, децата и другите маргинализирани категории на население.
Анализата за извештајот е изведена од податоците обезбедени од Центарот за следење на внатрешно раселување (IDMC) од Колумбија, Етиопија, Индонезија, Непал, Нигерија, Папуа Нова Гвинеја, Сомалија и Вануату.