Тие пред Град Скопје поставија мала елка, оскудно украсена со неколку лампиони, алудирајќи на елката и новогодишната декорација на плоштадот „Македонија“. Под елката претставниците на УМС оставија и подароци – тегла со мед, кутија со евра (реплики на банкноти) и боксерски ракавици
Претставници на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ денеска со своевидна герила-акција пред објектот на Град Скопје иронично порачаа дека новогодишната елка на градоначалничката Данела Арсовска е идентична како и системот во државата – тажна и бедна.

Тие пред Град Скопје поставија мала елка, оскудно украсена со неколку лампиони, алудирајќи на елката и новогодишната декорација на плоштадот „Македонија“.
„Елката на Данела пред мене е како и градоначалничката на Скопје поддржувана од СДС, ДУИ и Левица – празна и никаква. Оваа елка е светско чудо, а првпат можеме да се согласиме со Арсовска дека навистина ниту еден главен град во светот нема ваква елка, но исто така ниту еден главен град нема и ваков градоначалник, а и прашање е зошто воопшто би имал… Веројатно се работи за некаков маркетинг-трик. Едната половина да се накити во оваа, а другата во наредната година. Баш менаџерски. Вака изгледа Скопје кога Арсовска кити, а под маса дели подароци со СДС, ДУИ и Левица“,
рече во изјава за медиумите потпретседателот на Градскиот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Ристески.
Под елката претставниците на УМС оставија и подароци – тегла со мед, кутија со евра (реплики на банкноти) и боксерски ракавици.
„За омилените на Данела, еве и подарок. Купче пари за сметководителот Драги и, секако, боксерски ракавици за секретарот на Градот, Глигоров“,
рече Ристески.

Од УМС на ВМРО-ДПМНЕ ја повикаа градоначалничката да си поднесе оставка.
„Арсовска да не го мачи Скопје повеќе, а и таа да не се мачи со него, нека си даде оставка. Што побргу, тоа подобро“,
порачаа тие.
Изминативе денови новогодишното украсување на градот стана актуелно во јавноста откако на плоштадот „Македонија“ беше поставена половично накитена елка, а по неколку дена и уште една слична на неа.
Ова предизвика потсмев кај граѓаните, но и кај дел од странските медиуми.
Градоначалничката Данела Арсовска во објава на својот фејсбук-профил ги отфрли тврдењата дека немало јавен повик за украсувањето на градот оваа година. Таа вели дека и годинава, како и секоја друга, јавен повик бил распишан, но не го потврди тоа со документ.
Таа посочи и дека годинава китењето на главниот град чини 30 илјади евра, а не 300 илјади евра како претходните години.
Либерално-демократската партија неделава најави иницијатива за отповикување на градоначалниците преку законски измени. Оценувајќи дека „граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти“, претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, најави дека партијата започнува граѓанска иницијатива за отповикување на градоначалниците преку измени на Законот за локална самоуправа и собирање потписи за референдум.
Таа оценува оти она што се случува во Скопје е знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците, а оти целта на ваквата иницијатива е создавање поспособна и проактивна локална самоуправа.
Финансиската полиција најави дека утре ќе влезе во Град Скопје за да провери колку и како се потрошени пари од градскиот буџет за новогодишното украсување на градот.
„Согласно Законот, веќе сме во подготовки и в понеделник ќе влеземе во Град Скопје за да направиме проверки во однос на трошењето на буџетски пари за украсувањето на Скопје“,
изјави во петокот за СДК.мк директорот на Финансиската полиција Горан Иванов.
