Крстосувачките проектили биле истрелани од руски авиони Ту-90 и Ту-60 кои летале северно од Каспиското Море и од Ростовската област. Тие погодиле цели во Киевската област, Запорожје и Харковската област, како и во областите Николаев, Лавов, Житомир, Кировоград и Черновци
Во бранот ракетни напади што Русија денеска изутрина ги изврши врз повеќе региони во Украина, меѓу кои и главниот град Киев, биле погодена хидроелектричната и друга критична инфраструктура на земјата, пренесува „Гардијан“.
Експлозии од крстосувачки ракети истрелани од руските сили се пријавени во близина на Киев и во најмалку 10 други градови и региони.
Украинската воздушна команда соопшти дека соборила 44 од 50 непријателски ракети.
Според видеоснимки објавени од украинските сили, неколку проектили биле пресретнати на небото над Киев веднаш по 8 часот по локално време. Сирените за воздушен напад се вклучиле на национално ниво, а на граѓаните им беше кажано да бараат засолниште.
Гувернерот на Киев, Олексеј Кулеба, рече дека „масовното гранатирање во регионот“ ја оштетило електричната и енергетската инфраструктура. Тој рече дека жителите треба да очекуваат итни прекини на струјата.
„Во моментов има една жртва“,
додаде тој.
Крстосувачките проектили биле истрелани од руски авиони Ту-90 и Ту-60 кои летале северно од Каспиското Море и од Ростовската област. Тие погодиле цели во Киевската област, Запорожје и Харковската област, како и во областите Николаев, Лавов, Житомир, Кировоград и Черновци.
Според министерот за енергетика на Украина, Херман Халушченко меѓу целите што руските кростосувачки ракети ги погодиле утринава биле и хидроелектричните централи.
Во изјавата на Фејсбук, Халушченко денешниот ракетен бран врз Украина го опиша како „уште еден варварски напад“, додавајќи дека „електричните трафостаници, хидроцентралите и капацитетите за производство на топлинска енергија биле погодени од ракети“.
Како резултат на тоа, воведени се делумни и итни прекини на снабдувањето со електрична и топлинска енергија во регионите на Киев, Черкаси, Запорожје, Кировоград, Харков, Запорожје и Полтава.
Украинската влада минатата недела ги советуваше бегалците кои ја напуштија земјата поради руската агресија и во моментов живеат во странство да не се враќаат до пролет 2023 година поради зголемените стравувања дека оштетената енергетска инфраструктура нема да може да ја покрие побарувачката претстојнава зима.