Украина нема официјален коментар за операцијата, додека пак руските власти ветија дека ќе го запрат упадот и дека ќе ги потиснат украинските борци назад до границата
Украинските војници кои пред два дена со повеќе од дваесет оклопни возила и тенкови упаднаа во југозападниот руски регион Курск навлегле десет километри во земјата, објави американскиот Институтот за проучување на војната. Оттаму велат дека оваа офанзива претставува најсериозен граничен упад во конфликтот од почетокот на руската инвазија врз Украина. Иако сè уште од Киев нема официјален коментар за операцијата, руските власти вчера објавија дека станува збор за околу 1 000 војници и дадоа ветувања дека ќе сторат сè што е во нивна моќ да го запрат упадот и да ги потиснат борците назад до границата.
„Сегашниот потврден обем и локација на украинскиот напредок во Курската Област укажува дека украинските сили навлегле во најмалку две руски одбранбени линии и упориште“,
соопшти американскиот Институт за проучување на војната.
Напредокот е фокусиран на логистичкиот центар Суџа, град со околу 5 000 жители сместен на само осум километри од руско-украинската граница.
Вчера гувернерот на областа Курск прогласи вонредна состојба, додека пак рускиот претседател Владимир Путин обвини дека украинската армија истрелала ракети врз станбени и цивилни објекти во овој регион.
Началникот на Генералштабот на руската армија, генералот Герасимов, кажа дека напредувањето на Украинците било запрено со брзата акција на граничарите, како и руската војска која ја покрива државната граница помеѓу Русија и Украина.