Ќе биде формиран заеднички штаб како поддршка на 1 700 падобранци распоредени во Полска
Првите американски војници, кои треба да го интензивираат присуството на НАТО во Источна Европа за време на кризата на руско-украинската граница, пристигнаа во Германија, соопшти американската армија.
„Војниците на 18. Воздушно-десантен корпус денеска пристигнаа во Висбаден“,
се наведува во соопштението на американската армија.
Исто така, се наведува дека во Германија ќе биде формиран заеднички штаб како поддршка на 1 700 падобранци распоредени во Полска.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, на 2 февруари, најави распоредување на речиси 3 000 американски војници во Полска и во Романија, за да ја заштитат Источна Европа од потенцијално прелевање на кризата од Украина.
Пентагон најави дека ескадрила од околу 1 000 американски војници стационирани во Вилсек, Германија, ќе биде распоредени во Романија, а околу 1 700 припадници на 82. воздушнодесантна дивизија од базата Форт Брег во Северна Каролина ќе бидат распоредени во Полска. Додека 300 други американски војници ќе бидат префрлени од Форт Брег во Германија.
Во Полска веќе пристигнала американската воена опрема. Сè уште е непознато кога ќе пристигнат американските војници и каде ќе бидат стационирани.