Руското министерство за одбрана објави дека единиците на Вагнер зазеле две области на северната и јужната периферија на градот
Украинските и руските вооружени сили водат крајно крвави битки во разурнатиот град Бахмут, на истокот на земјата, но проукраинските сили се уште се држат, објави украинската армија.
Русија претходно објави дека борците на платеничката група Вагнер зазеле уште два дела од Бахмут, главната цел на руската офанзива во источна Украина.
„Крвави битки, невидени во последниве децении, се случуваат среде урбана градска област. Нашите војници прават се што е можно во крвавите и жестоки борби за да ги скршат борбените способности на непријателот и да им го скршат моралот. Секој ден, во секој агол од градот, тоа го прават успешно“,
изјави Серхиј Череваџи, портпарол на воената команда за источна Украина за телевизискиот канал 1+1.
Руското министерство за одбрана објави дека единиците на Вагнер зазеле две области на северната и јужната периферија на градот.
Во разузнавачкиот извештај во петокот, Велика Британија рече дека украинските сили биле принудени да предадат дел од територијата во Бахмут бидејќи Русија ја продолжила својата офанзива таму, отворајќи интензивен артилериски оган во последните два дена.
Бахмут, кој пред војната имаше 70 000 жители, е главната цел на руската зимска офанзива, која досега постигна слаби резултати и покрај копнените пешадиски борби со интензитет што не е забележан во Европа од Втората светска војна.