Претходно Русија соопшти дека нејзините сили почнале да го напуштаат градот, што беше најголемата добивка на Кремљ од инвазијата, но тој процес би можел да трае со недели
Украинската војска денеска соопшти дека постигнала голем напредок околу Херсон, откако Русија објави дека се повлекува од овој град на југот на Украинa, кој беше дел од областите што Русија ги анектираше кон крајот на септември, оваа година.

Како што пренесува Би-би-си, Киев соопштил дека украинските војници го зазеле клучниот град Снихуривка, 50 километри северно од Херсон.
Претходно Русија соопшти дека нејзините сили почнале да го напуштаат градот, што беше најголемата добивка на Кремљ од инвазијата, но тој процес би можел да трае со недели.
Најавата на 9 ноември се сметаше за голем чекор наназад за воените напори на Москва, иако украинските власти беа скептични, предупредувајќи дека маневрот може да биде замка.
Според Би-Би-Си, нема непосредни докази за какво било масовно повлекување на Русија од Херсон.
Врховниот командант на украинската армија Валериј Залужни на 10 ноември изјави дека не може да го потврди или негира повлекувањето, но рече дека неговите сили постигнале важен напредок.
Генералот Залужни рече дека неговите војници напредуваат на два фронта на западниот брег на реката Днепар, област која го опфаќа Херсон, преземајќи ја контролата во над 12 населени места.
Видео снимка, чија локација ја потврди новинската агенција Ројтерс, покажува како мештаните ги пречекуваат војниците на плоштадот, очигледно по влегувањето во градот Снихуривка.
Снихуривка се наоѓа на голема железничка раскрсница за Николаевската област, која граничи со Керсон на север и запад.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников за Ројтерс изјави дека ќе на Русија ќе ѝ треба најмалку една недела за да ги повлече војниците од Херсон.
Резников изјави дека Русија има контингент од 40 000 војници во овој регион и дека разузнавачките податоци покажуваат дека нејзините војници остануваат во и околу градот од десната страна на реката Днепар.
„Не е лесно да се повлечат тие војници од Херсон за ден или два. Ќе биде потребно најмалку една недела“,
рече тој.
Херсон беше првиот и единствен регионален главен град што падна во рацете на Русија откако ја нападна Украина на 24 февруари, оваа година.
Од крајот на септември, Кремљ ја сметаше оваа област за дел од руската територија по таканаречените „референдуми“ и анексијата на окупираните региони на Украина, потези кои наидоа на осуда и не беа признаени од меѓународната заедница.