Дмитро Холод, командант на баталјонот „Славеј“, изјави за тимот на Си-ен-ен на теренот во украинскиот регион Суми дека војската има информации кои сугерираат дека руските трупи се повлекуваат од Запорожје, Крим и Харковската област за да го запрат континуираното напредување на Украина во регионот Курск
Русија ги повлече резервите од клучните области на боиштата во Украина и на окупираниот Крим во обид да го запре напредокот на Украина на руска територија, изјави денеска за Си-ен-ен командант на украинската војска.
Дмитро Холод, командант на баталјонот „Славеј“, изјави за тимот на Си-ен-ен на теренот во украинскиот регион Суми дека војската има информации кои сугерираат дека руските трупи се повлекуваат од Запорожје, Крим и Харковската област за да го запрат континуираното напредување на Украина во регионот Курск.
„Русите сега се обидуваат да го спречат нашето напредување; тие ја повлекоа резервата што беше од корист за нашите одбранбени сили во други области, бидејќи таму стана полесно да се работи“,
рече тој, а потоа додаде: „Се разбира дека ќе ни биде потешко да поминеме понатаму, но сепак ќе поминеме“.
Холод рече дека неговата единица им се придружила на украинските сили на првиот ден од ненадејниот прекуграничен упад во Русија и дека тој дури денеска го напуштил регионот Курск.
Руските сили беа шокирани од „брзиот напредок“ на Украина, рече Холод, додавајќи:
„По тактичките битки, тие доброволно им се предадоа на нашите одбранбени сили. Поради некоја причина тие се подготвени да умрат за нашата земја, но не беа подготвени да умрат за својата“,
додаде тој.
Рускиот пограничен регион Белгород прогласи вонредна состојба по напредокот на украинските сили.
Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Глатков, изјави дека ситуацијата е исклучително тешка и напната поради секојдневното гранатирање во регионот. Во видеото објавено на Телеграм, како што пренесе Би-би-си, Глатков изјавил дека ќе апелира до владата да прогласи вонредна состојба на федерално ниво.
Во вторникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека војниците напредувале на руска територија, а според началникот на украинската армија, Олександр Сирскиј, Киев има „контрола на 40 квадратни километри“ со заземени 74 населени места. Сепак, неизвесно е колкава руска територија е заземена од Киев.