Андриј Сибиха, искусен украински дипломат и заменик-шеф на канцеларијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека Украина е подготвена да влезе во дипломатски разговори со Русија за иднината на окупираниот полуостров Крим – под еден важен услов
Официјален Киев вчера испрати важна порака поврзана со можните преговори со Русија. Како што објави „Фајненшл тајмс“, ова е „најексплицитната порака досега дека Украина е заинтересирана за преговори“ со Русија откако ги прекина во април минатата година.
Имено, Андриј Сибиха, искусен украински дипломат и заменик-шеф на канцеларијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека Украина е подготвена да влезе во дипломатски разговори со Русија за иднината на окупираниот полуостров Крим – под еден важен услов.
„Ако успееме да ги постигнеме нашите цели на фронтот, односно кога сме на административната граница со Крим, подготвени сме да отвориме дипломатски преговори на таа тема. Тоа не значи дека го исклучуваме военото ослободување на Крим“,
изјави Сибиха во интервју за „Фајненшл тајмс“, пренесува „Индекс“.
„Фајненшл тајмс“ посочува дека изјавите на Сибиха може да ја намалат загриженоста на западните лидери кои се скептични за способноста и капацитетот на украинската армија за воено ослободување на Крим, но и загриженоста за можноста рускиот претседател Владимир Путин да ја ескалира војната поради таквите обиди, можеби дури и со тактичко нуклеарно оружје.
Досега, потсетува „Фајненшл тајмс“, украинскиот претседател аксиоматски ја отфрлаше можноста за какви било преговори со Москва додека сите руски сили не ја напуштат Украина, вклучително и Крим.
Според „Фајненшл тајмс“, Сибиха е искусен дипломат фокусиран на политиката и бил покрај Зеленски во клучните моменти од војната.
Сибиха наведува дека Зеленски разговара за Крим со своите соработници во време кога украинската армија е сè поблиску до започнување контраофанзива со цел ослободување на окупираните територии.