Руските единици за противвоздушна одбрана, како што објави Министерството за одбрана на Русија, уништиле најмалку десет беспилотни летала во Московскиот Регион
Украина изврши еден од најголемите напади со беспилотни летала врз Москва, а руските единици за противвоздушна одбрана уништија најмалку десет беспилотни летала, објавија денеска руските власти.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, во објава на Телеграм го оквалификува како еден од најголемите обиди за напад на руската престолнина со беспилотни летала.
„Системите за противвоздушна одбрана продолжуваат да ги одбиваат нападите на непријателските авиони. Некои од нив беа уништени над Подолск. Ова е еден од најголемите обиди да се нападне Москва со беспилотни летала. Сè уште ја следиме ситуацијата“,
напиша Собјанин на Телеграм.
Првичните информации, како што додаде Собјанин, говорат нема повредени ниту штета по нападите.
Според новинската агенција Ројтерс, се чини дека последниот напад е поголем од оној во мај минатата година, кога над Москва беа уништени најмалку осум дрона.
Министерството за одбрана на Русија во меѓувреме соопшти дека над целата руска територија се уништени вкупно 45 беспилотни летала, од кои 11 над Московскиот Регион, 23 над пограничниот регион Брјанск, шест над регионот Белгород, три над регионот Калуга и два над регионот Курск.
Киев ги засили воздушните напади на руска територија во последните месеци и вели дека тоа го прави за да ја уништи клучната инфраструктура потребна за воени операции. Тие наведуваат и дека нивните напади се одговор на континуираните руски напади на украинска територија.