Смените дојдоа во време кога антикорупционерите објавија дека истражуваат службеници на позиции поврзани со сајбер-одбраната за проневера на 62 милиони украински гривни (околу 1,5 милиони евра) во 2021 година, во која учествувале шест лица
Украина отпушти двајца високи претставници на сајбер-одбраната поради истрагата за наводна проневера, изјави висок владин претставник.
Владата го отпушти Јуриј Шчихол, шефот на украинската служба за специјални комуникации и заштита на информации и неговиот заменик Виктор Жора, напиша на комуникациската платформа Телеграм претставникот на владата во парламентот, Тарас Мелничук.
Смените дојдоа во време кога антикорупционерите објавија дека истражуваат службеници на позиции поврзани со сајбер-одбраната за проневера на 62 милиони украински гривни (околу 1,5 милиони евра) во 2021 година, во која учествувале шест лица.
Украина ги засили напорите за борба против корупцијата бидејќи се обидува да стане членка на Европската Унија, а борбата против корупцијата е клучен предуслов за почеток на преговорите.
Европската комисија на 8 ноември, претставувајќи го планот за раст на Западен Балкан, предложи отворање на пристапните преговори со Украина и со Молдавија.
„Украина продолжува да се соочува со огромни тешкотии и трагедија предизвикани од руската агресивна војна, но сепак Украинците длабоко ја реформираат својата земја, иако водат егзистенцијална војна“,
посочи претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција.
Таа додаде дека Украина завршила повеќе од 90 отсто од неопходните чекори наведени од Комисијата минатата година, укажувајќи на судските реформи и напорите за борба против корупцијата.