По неколку месечната руска агресија врз Украина, која засега не покажува знаци на запирање, властите во Киев почнаа кампања за охрабрување на луѓе низ целиот свет да ги донираат своите дронови кои би се користеле во одбрана земјата
Украина е во процес на обезбедување средтсва за набавка на 200 воени набљудувачки дронови. Но, во исто време, проценките од теренот покажале дека многу добра работа вршат и комерцијалните дронови. Објаснувањето е дека и овие мали беспилотни летала овозможуваат видео-пренос во живо од военото поле и добиените информации потоа се користат за корекција на артилеријата.

„Двете страни во војната ги увидоа предностите од употребата на овие дронови зашто со нивна помош, при употреба на конвенционална артилерија, се врши попрецизно таргетирање“,
вели Џастин Бронк од РУСИ Институтот, британска тинк тенк група која се занимава со одбранбени прашања.
„Предложената армија на беспилотни летала е сложена програма која вклучува набавка, одржување и обука на пилоти“, вели полковник Олекси Носков, помошник – врховен командант на вооружените сили на Украина.
„Армијата на беспилотни летала ќе ни овозможи постојано да ја надгледуваме фронтот долг речиси 2 500 километри и притоа ефикасно да реагираме на непријателските напади користејќи модерна технологија“,
вели Носков.
Првичната идеја на украинските власти била да се купат тактички беспилотни летала со домет од 100 милји, опремени со софистицирана камера, GPS и алатки за мапирање. Сепак, по проучувањето на ситуацијата било утврдено дека на украинската армија и сè и потребни комерцијални дронови – квадкоптери.
Затоа, земјата сега бара од обичните граѓани од целиот свет да ги донираат сопствените беспилотни летала. Очекувањата на Украина се дека на овој начин ќе успее да собере илјадници комерцијални дронови.