Министерство за здравство на Холандија се обидува да открие како точно е создаден овој кју-ар код. Постојат различни можни сценарија, па се споменуваат здравствените служби во Полска или Франција. Но, Министерството е главно загрижено дека тајните шифри на францускиот и полскиот кју-ар код се украдени, а ако тоа се случи, сите кју-ар кодови од овие земји ќе треба да се реиздадат
Повеќе кодови што се користат за креирање на европскиот зелен пасош се украдени, пренесува агенцијата АНСА.
Повикувајќи се на извори од Италија, агенцијата наведува дека овие шифри сега се користат за издавање фалсификувани сертификати кои се нудат преку интернет.
Во моментов на мрежите кружат два зелени пасоши издадени на име на Адолф Хитлер, кои со проверка е докажано дека имаат оригинален код.
Според италијанската интернет-страница zone.it, двата пасоша со ова име имаат датум на раѓање 1900 година, а другиот 1930. И двата имаат валиден кју-ар код, а веб-страницата тврди дека овие кодови се украдени во Полска.
И холандските медиуми објавуваат дека тамошното Министерство за здравство се обидува да открие како точно е создаден овој кју-ар код. Постојат различни можни сценарија, па се споменуваат здравствените служби во Полска или Франција. Но, според РТЛ, Министерството е главно загрижено дека тајните шифри на францускиот и полскиот кју-ар код се украдени. Ако тоа се случи, сите кју-ар кодови од овие земји ќе треба да се реиздадат.
Засега не е познат бројот на украдени кодови.
Истрагата е во тек, а имало средби на повеќе европски нивоа.
Инаку, во Италија од 15 октомври е потребен зелен пасош за пристап до работното место.