Одлуката ја донел Апелацискиот суд во Гостивар, кој во одлуката навел дека судот во Тетово не постапил со должно внимание за да биде во можност со сигурност да ги утврди сите правно релеватни факти
Што се однесува до докторот Бобан Вучевски кој беше опфатен во процесот, Апелацискиот суд во Гостивар ја одбил жалбата на Основното јавно обвинителство Тетово и ја потврдил првостепената ослободителна пресуда за лекарот
На двајцата поранешни директори на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми повторно ќе им се суди за пожарот во модуларната болница во која за време на ковид-пандемијата загинаа 14 лица.

Ваква одлука донел Апелацискиот суд во Гостивар, кој постапувајќи по жалбите на обвинетите, утврдил дека првостепената пресуда на Основниот суд во Тетово е нејасна, неразбирлива и неподобна за испитување.
Според гостиварска Апелација, судот во Тетово не постапил со должно внимание за да биде во можност со сигурност да ги утврди сите правно релеватни факти, пишува Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Поради ова второстепениот суд во Гостивар решил дел од предметот кој се однесува на двајцата поранешни директори да го врати на повторно судење.
„Ваквата воопштена и нејасна констатација на првостепениот суд, укажува на постапување на судот спротивно на член 408 став 6 од Законот за кривична постапка (ЗКП), според кој во образложението на пресудата судот е должен да ги изнесе причините за секоја точка од изреката, а особено фактите што ги цени како докажани или недокажани и од кои докази ги утврдил тие факти, од кои причини не уважил одделни предлози на странките, од кои причини се раководел при решавање на правните прашања и кои околности ги зел предвид при одмерувањето на санкцијата, односно отсуството на образложени причини за решителни факти, ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите“,
се наведува во пресудата на Апелацискиот суд Гостивар, пренесуваат медиумите.
Што се однесува до докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во Гостивар ја одбил жалбата на Основното јавно обвинителство Тетово и ја потврдил првостепената ослободителна пресуда за лекарот.
Во врска со потврдената ослободителна пресуда за Вучевски преку објава на Фејсбук информираше адвокатот Дарко Котески кој го застапуваше во судскиот процес.
„Со Пресуда КЖ.бр.318/23 на Апелациониот суд во Гостивар, др. Бобан Вучевски е конечно ослободен од кривичното дело за кое се обвинуваше за пожарот во модуларната болница. Тука завршува овој судски процес за др. Бобан“,
пишува адвокатот во објавата.
Основниот суд во Тетово пресудата за пожарот во модуларната болница во која на 8 септември 2021 година изгореа 14 луѓе ја изрече на 5 јуни лани.
Обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривичното дело тешки дела против општата сигурност добија условни казни од една година и шест месеци, доколку во наредните три години не извршат друго кривично дело.
Ослободителна пресуда судот донесе за докторот Бобан Вучевски кој се товареше за делото непостапување по здравствени прописи.
На Клиничката болница ѝ беше изречена парична казна од еден милион денари.
Поранешните директори на болницата Бесими и Етеми се гонеа бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар. На докторот Вучевски, пак, му се судеше бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането.
На изрекувањето на пресудата во Тетовскиот суд, лани во јуни, судијата рече дека тоа не било судење за причините за пожарот.
Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) лани во август објави документарен филм со наслов „Убиство во Тетово“, во кој се изнесуваат сознанија и наводи за низа пропусти во изградбата на модуларната болница.