Во фејсбук-објавата на Универзитетот се додава дека од вкупно 4 364 универзитети кои влегуваат во рангирањето за 2022 година, УКИМ е на 657. место, што, како што се посочува, е подобрување во однос на рангирањата во 2020 и 2021 година
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на својата официјална веб-страница на Фејсбук информира дека во 2022 година бележи тренд на подобрување во однос на претходните години, а за ваквата информација се повика на резултатите од рангирањето на универзитетите ширум светот објавен од сервисот SCImago кој рангира високообразовни и истражувачки институции на глобално ниво.
Во фејсбук-објавата на Универзитетот се додава дека од вкупно 4 364 универзитети кои влегуваат во рангирањето за 2022 година, УКИМ е на 657. место, што, како што се посочува, е подобрување во однос на рангирањата во 2020 и 2021 година.
„Се воочува тренд на подобрување, односно од 743. место за 2020, кон 727. место за 2021 и 70 места погоре за 2022 година. Притоа, се објавува севкупно рангирање, како и одделно според индикаторите кои ги анализира оваа ранг-листа: влијание преку истражувачки резултати, влијание преку иновации и општествено влијание. Радува податокот дека кај сите овие индикатори се забележува тренд на подобрување. Според тоа, УКИМ е рангиран помеѓу првите 38% од рангираните светски универзитети, односно во 23% од рангираните универзитети во Источна Европа, како и на прво место во Република Северна Македонија“,
се наведува во фејсбук-објавата на Универзитетот.
Од УКИМ велат дека научните резултати кај секој универзитет се анализирани во 19 научни области кои се дефинирани според сервисот SCImago, а според критериумите кои ги поставува самиот сервис, за една институција да има присуство во одредена научна област, потребно е таа во последната година да надмине минимален праг на постигнати и објавени научни резултати.
„Значајно е дека УКИМ е рангиран во сите 19 научни области“,
додаваат од Универзитетот.
Во однос на бројот на научни публикации објавени од академскиот кадар на УКИМ референцирани во индексациската база SCOPUS, додаваат од Универзитетот, се согледува континуираното зголемување на бројот на научни публикации кој од 538 во 2014, се зголеми на 668 во 2022 година.
Веруваме дека овој број може да е многу поголем според бројноста и квалитетот на научно-истражувачкиот кадар“,
наведува УКИМ во соопштението.