Иако преизборната сметка е затворена, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ѝ останала должна околу 370 илјади евра на фирмата „Полиестердеј“ за промотивен материјал за кампањата на нивниот претседателски пандидат Гордана Сиљановска-Давкова. Ова го покажале контролите на Управата за јавни приходи во оваа фирма.
За претседателските избори во 2019 година ВМРО-ДПМНЕ склучила договор со „Полиестердеј“ за маици, пенкала, запалки, капчиња во вредност од речиси 560 илјади евра. Од седумте фактури што ги добила, партијата платила само неколку во износ од 187 илјади евра.
За „Полиестердеј“ да ја реализира нарачката, промотивниот материјал го нарачува од шпанската компанија „Горфактори“ и од компанијата „Монт“ која е фирма ќерка на „Орка“ на бизнисменот Орце Камчев.
Според податоците од УЈП, „Полиестердеј“ во целост го исплаќа долгот кон шпанската фирма, а останува долгот кон „Монт“.
Според Изборниот законик, наменската сметка што ја отвораат партиите пред избори, за финансирање на изборната кампања, трае 90 дена, по што таа треба да биде затворена.
Управата за јавни приходи за случајот ги известила Министерството за внатрешни работи, Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија, но не се знае дали ќе има некаква пријава за нелегално финансирање кампања.
Основното јавно обвинителство минатата недела отвори предистражна постапка за овој случај. Инспектори на МВР влегоа во трите фирми – „Монт“ и „Полиестердеј“ и со меѓународна соработка и во шпанската „Горфактори“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за „360 степени“ кажа дека акцијата била за да се утврдат одредени факти добиени од МВР и од Државниот завод за ревизија. Тој не сакаше да открива детали, бидејќи се работи за предмет во истрага.
„Овде постојат сомнежи, кои во текот на предистрагата треба да се потврдат или да се отфрлат“, рече Спасовски.
Од компанијата „Орка холдинг“, од која дел е „Монт“, соопштија дека ниту „Монт“ ниту ‘Орка холдинг’ на каков било начин имаат учествувано во предизборната кампања на г-ѓа Сиљановска на претходните претседателски избори.
„Маиците од компанијата МОНТ, која работи во областа на текстилната индустрија, беа нарачани и набавени единствено на страната на ‘Полиестердеј’, компанија со која ние имаме долгогодишна соработка, а која во случајов е наш должник и станува збор за долг за кој веќе имаме испратено опомена пред тужба до должникот. Со понатамошните активности на ‘Полиестердеј’ по набавката на маиците не сме никако поврзани ниту навлегуваме во истото“, велат од „Орка холдинг“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференција викендов рече дека немаат дупка од 400.000 евра во финансискиот извештај за претседателските избори туку обврска кон фирма која најви дека ќе ја исполнат. Тој објаснуваше дека со тоа што сметката е затворена со негативно салдо не е прекршен Изборниот законик и се повика на членот 71 од овој закон.
„Никаде не стои дали тие средства ако не се доволни тоа подразбира дека имаме каква било поинаква одговорност. Ставот 11 од овој член е прецизен и вели дека три месеци по изборите политичката партија е обврзана да ја затвори таа сметка така што понатаму обврските се преземаат од страна на правното лице, во случајот политичката партија“, рече лидерот на опозицијата.