Што се однесува до сообраќајот, од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека тој се одвива во зимски услови, по влажни коловози со остатоци од кашест снег по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“. Забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, Струмица – Берово, на Пресека, Ѓавато и Плетвар и на патот Тетово – Попова Шапка
Врнежите од снег кои од викендот ја зафатија земјава, а со послаб интензитет продолжуваат и денеска создадоа значителна снежна покривка во планинските, но и во пониските места во државата.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најмногу снег има на Попова Шапка – 62 сантиметри, во Маврови Анови висината на снежната покривка е 57, во Крушево 39, Битола 33, Берово 26, Тетово 25, а во Скопје девет сантиметри.
Најниската температура измерена утрово, исто така, е на Попова Шапка и изнесува минус 10 Целзиусови степени, во Маврово и во Крушево е минус седум, Берово минус четири и минус еден во главниот град. Над нулата е само во Гевгелија, каде живата во термометарот утрово се искачила до вториот степен.
Во текот на ноќта беше облачно со повремени врнежи од снег претежно во централниот дел од земјата. Дуваше слаб до умерен ветер од северен правец. Утринава снег провејува во Крива Паланка и во Скопје.
Како што информираат од УХМР, времето денеска ќе биде променливо облачно и студено и ќе провејува снег, претежно во јужните и југозападните делови од земјата. Се очекува да дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Максималната дневна температура ќе се движи во интервал од минус три до три Целзиусови степени.
Во главниот град, според синоптичарите, исто така, ќе преовладува променливо облачно и студено со услови за провејување на слаб снег. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.
Што се однесува до сообраќајот, од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека тој се одвива во зимски услови, по влажни коловози со остатоци од кашест снег по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“.
Забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, Струмица – Берово, на Пресека, Ѓавато и Плетвар и на патот Тетово – Попова Шапка.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.