Кривична пријава е поднесена против сопственик на угостителски објект, кој работел по 23 часот, спротивно на одлуката за Владата за ограничување на работното време.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека кривичната пријава е поднесена против Ш.А. (48) од тетовското село Речица поради основано сомнение дека сторил кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
„На 24 октомври околу 00:30 часот, на автопатот Тетово–Гостивар, во угостителски објект, сопственост на пријавениот, од полициски службеници била извршена контрола и било констатирано дека работи, при што биле затекнати седум гости кои биле послужени со пијалаци“,
информира полицијата.
За констатираната состојба биле известени и инспектори од Државниот пазарен инспекторат-Тетово.