Музичарите и музичките работници, преку Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика сега“, најавија протест пред Владата поради новите протоколи со кои се ограничува организирањето музички настапи единствено на свадби. Од здружението реагираат дека се прави дискриминација и во однос на барањето за лиценцирани музичари, а поддршка во барањата имаат и од Независната угостителска комора.
„Наместо Владата побрзо да излезе во пресрет на укажувањата за недоследноста на промената на постојните протоколи за работа на угостителските објекти и новите протоколи за организирање на свадби, прослави и веселби ги доведува угостителите и организаторите на своите прослави во ситуација на постоење протоколи и понатаму да не можат да организираат свадби, прослави и веселби“,
соопштија од НУК.
Од Комората велат дека дополнителен проблем со новите протоколи за организирање на свадби, прослави и веселби, додаваат, е и точката 7 со која угостителскиот објект во кој има прослава е должен да ја регистрира и пријави прославата во угостителска комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.
„Со оглед дека ниедна комора во моментов не го води овој регистар на свадби, прослави и останати веселби ниту има овластување и обврска да го води, угостителите немаат можност и начин да организираат прослава во својот угостителски објект согласно новите протоколи без истите да бидат прекршени со што се доведуваат во стартот да бидат ригорозно казнети и затворени во случај на контрола од државниот пазарен инспекторат за непочитување на овие протоколи“,
додаваат од НУК.