Убиецот до пред година и половина бил член на Јеховините сведоци, кои ги напуштил во кавга. Тој бил самец, живеел и работел во Хамбург од 2014 година. По професија бил банкарски службеник. Според информациите од безбедносните кругови, тој не бил познат како екстремист
Германската полиција на прес-конференција ги објави деталите за вчерашниот масакр во зградата на Јеховините сведоци во Хамбург. Меѓу убиените има четворица мажи и две жени, сите германски државјани. Повредени се осум лица, од кои четворица потешко.

Од полицијата информираа дека убиецот е 35-годишниот Филип Ф., чие тело исто така било пронајдено во зградата. Како што претходно беше објавено, откако специјалците упаднале во зградата, слушнале уште еден истрел, по што го пронашле неговото тело на првиот кат.
„Специјалците, со упадот во зградата, веројатно извршиле притисок врз сторителот на убиството. Токму така сакаме да дејствуваме во вакви операции“,
рекле од полицијата на прес-конфереенцијата.
Кој е убиецот?
Убиецот имал дозвола за пиштол од 6 декември 2022 година, што значи дека легално поседувал полуавтоматско оружје, додале тие.
„Полицијата на почетокот на февруари ненајавено отишла во неговата куќа за да го провери, но ова е стандардна процедура откако некој ќе стане сопственик на пиштол. При домашната посета немаше позначајни поплаки. Немаше докази за психолошки проблеми“,
изјавиле полицајците.
Убиецот до пред година и половина бил член на Јеховините сведоци, кои ги напуштил во кавга. Тој бил самец, живеел и работел во Хамбург од 2014 година. По професија бил банкарски службеник. Според информациите од безбедносните кругови, тој не бил познат како екстремист.
Полицијата пред неколку месеци добила анонимна пријава да му се одземе дозволата за носење оружје на Филип Ф., со образложение дека се работи за ментално болно лице „полн со гнев против верските заедници и неговиот поранешен работодавец“, но по проверкатее, не биле пронајдени никакви детали кои би оправдале одземање на дозволата за носење оружје.
„При увидот во станот на Филип Ф., не се констатирани неправилности, а самиот сторител не оставил впечаток на ментално болно лице“,
изјавил Ралф Мартин Мајер, претседател на полициската управа во Хамбург.
При ноќниот претрес на станот на сторителот е пронајдена и поголема количина муниција, додал Ралф Петер Андерс од Државното правобранителство во Хамбург. Како што беше кажано, напаѓачот досега не им бил познат на властите.
Кои се жртвите?
Како што објави „Т-онлајн“, Филип Ф. синоќа пукал и во стомакот на една трудница. Таа преживеала, но бебето починало.
Жртвите се четворица мажи и две жени на возраст меѓу 33 и 60 години. Повредени се шест жени и двајца мажи.
Пред да влезе во зградата, убиецот пукал во жена која била во автомобил пред зградата. На автомобилот биле пронајдени десет дупки од куршуми. Жената била полесно повредена и успеала да побегне и да ја извести полицијата.
Една жртва била застрелана додека била на телефон со полицијата и барала помош.
„Никогаш не сме виделе масакр од ваков размер во Хамбург“,
рече Енди Грот, сенатор за внатрешни работи на градот-држава Хамбург.
Тој рекол дека полицијата веќе била на терен четири минути по првиот повик.
Гроте нагласил дека брзото пристигнување на полицијата „спасило многу животи“. На состанокот во зградата имало околу 50 луѓе. По пристигнувањето на полицијата, напаѓачот побегнал на првиот кат, каде што си го одзел животот, изјави Гроте.