Потврдено е убиството на уште двајца напаѓачи, кои биле маскирани, униформирани и тешко вооружени, а потврдено е и апсење на униформиран и вооружен напаѓач. Како резултат на нападите, со претежно полесни повреди се здобил полициски службеник на косовската полиција, се наведува во најновото соопштение
Косовската полиција соопшти дека се убиени уште две лица кои утрово се судриле со нејзините припадници на северот на земјата каде што загина еден полицаец, а друг беше повреден.
За друго лице, кое било униформирано и вооружено, косовската полиција вели дека уапсено.
„Според официјалните информации од терен, при размената на оган, потврдено е убиството на уште двајца напаѓачи, кои биле маскирани, униформирани и тешко вооружени, а потврдено е и апсење на униформиран и вооружен напаѓач. Како резултат на нападите, со претежно полесни повреди се здобил полициски службеник на косовската полиција“,
се наведува во најновото соопштение објавено на фејсбук-страницата на косовската полиција.
Во објавата се додава „при полициските акции, на локацијата што ја користеле напаѓачите, пронајдена е логистичка опрема, сомнителни воени возила, воени униформи, како и оружје и муниција од различен калибар“.
Исто така, при рутинска контрола на возила, во атарот на селото Рударе, полициските единици привеле четворица осомничени кои нелегално поседувале радиоопрема, а се осомничени дека се поврзани со криминални групи, соопштија од косовската полиција и додаваат дека сите понатамошни дејства ќе се преземаат во соработка и координација со правосудните органи.
Во соопштението од косовската полиција се вели дека официјалните информации засега потврдуваат убиство на тројца и апсење на еден напаѓач, апсење на четворица осомничени чии радиокомуникации се пронајдени, а пронајдени се и значително количество оружје, муниција и разновидна опрема.
Косовската полиција соопшти дека ситуацијата во селото Бањска сè уште е тензична и дека, како што наведуваат, криминални групи одвреме-навреме со огнено оружје ги напаѓаат полициските единици на терен.
Косовската полиција продолжува да ги повикува криминалните групи да се предадат на органите на правдата и истовремено ги повикува граѓаните на соработка со органите на прогонот, во интерес на смирување на ситуацијата и општата безбедност.
Увидот на местото на настанот, како што се додава во соопштението, продолжува во соработка и координација со сите надлежни институции, вклучително и полицискиот инспекторат на Косово.