Тројцата други членови на тимот на Ројтерс, кои биле во хотелот за време на нападот, се безбедни, соопшти агенцијата
Рајан Еванс, член на тимот на Ројтерс, кој известувал за војната во Украина, е убиен, а двајца новинари на агенцијата се повредени во напад на хотел во градот Краматорск на истокот на Украина, пренесува новинската агенција.
Еванс, кој работел како советник за безбедност во агенцијата, е убиен откако проектил го погодил хотелот „Сафир“ каде што престојувал како дел од шестчлениот тим, се вели во соопштението на Ројтерс.
Оттаму додаваат дека двајца од новинарите на агенцијата се лекуваат во болница, а еден од нив е тешко повреден.
„Итно бараме повеќе информации за нападот, вклучително и преку соработка со властите во Краматорск и ги поддржуваме нашите колеги и нивните семејства“,
соопшти Ројтерс.
Тројцата други членови на тимот на Ројтерс, кои биле во хотелот за време на нападот, се безбедни, соопшти агенцијата.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека хотелот бил погоден од руска ракета „Искандер“, балистичка ракета што може да погоди на растојанија до 500 километри.
Како што пренесува Ројтерс, руското Министерство за одбрана не одговорило на барањето за коментар.
Ројтерс, додаваат оттаму, не е во можност самостојно да потврди дали проектилот што го погодил хотелот бил истрелан од Русија и дали се работи за намерен удар врз таа зграда.
Регионалното обвинителство на провинцијата Донецк во објава на Телеграм претходно соопшти дека телото на британски државјанин е пронајдено во урнатините на хотелска зграда во Краматорск.