Атентатот бил извршен во неговиот дом, при што повредена е и неговата сопруга
Претседателот на Хаити, Жовенел Моиз, бил убиен синоќа во неговиот дом, објави привремениот премиер Клод Жозеф, пренесоа странските медиуми.
Првата дама била повредена во нападот и ѝ била укажана лекарска помош, рече Жозеф.
Жозеф извести дека неидентификувани вооружени лица ја нападнале резиденцијата на претседателот во Порт-о-Пренс околу 1 часот по локално време (7 часот по наше време). Тој додаде дека тоа е нехуман и варварски чин.
Нападот се случува во време на засилени борби меѓу криминални банди и полицијата за контрола на улиците. Земјата е политички поделена, соочена со растечката хуманитарна криза и недостиг на храна, пренесува Ројтерс.