Оштетените граѓани, сепак, ќе мораат приватно да го гонат лицето кои им ги кршело автомобилите. Така е предвидено во Кривичниот законик, информираат од МВР
Полициски службеници од Полициската станица Центар го привеле С.А.(48) од Скопје, во врска со оштетувањето на повеќе возила во катната гаража близу ТЦ Буњаковец, јави МИА. Агенцијата ги пренесува информациите од МВР, дека по приемот на пријавите (од 07:25 до 07:40 часот) полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот и по преземени мерки било констатирано дека станува збор за оштетување на 18 патнички возила коишто биле паркирани во катната гаража.
Извршен бил увид од страна на увидна екипа, а по дополнителни мерки утврден е сторителот кој ги извршил оштетувањата, кој бил приведен во полициска станица и со него бил извршен службен разговор.
Од МВР информираат дека за случајот е известен Јавен обвинител по чии насоки делото е класифицирано по чл.243 од Кривичниот законик и се гони по приватна тужба, а од страна на МВР ќе се преземат сите неопходни активности за документирање на делото.
Во текот на денот, на терен во Буњаковец излезе и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Таму разговараше со Игор Стаменковски, командир на ПСОН Центар.
„Сликите од утринава со искршени прозорци и шофершајбни во катната гаража кај трговскиот центар ‘Буњаковец’ навистина ги вознемири центарци. Разговарав и со командирот на ПСОН Центар, кој ме информираше дека оштетени се вкупно 18 возила и веќе има приведено едно лице, кое во моментов се наоѓа во полициска станица“,
изјави градоначалникот Герасимовски.