Од здружението за човекови права ОВД-Инфо информираат дека од 15 полициски управи имаат добиено информации дека на приведените им биле доставени покани за воен рок
На некои Руси кои беа уапсени за учество во протестите против одлуката на претседателот Владимир Путин да воведе делумна мобилизација, им беа доставени покани за воена служба додека беа во притвор, објави здружението за човекови права ОВД-Инфо, а пренесува спрската телевизија Н1.
ОВД-Инфо објави дека најмалку 1 310 демонстранти се приведени, а на некои им бил отслужен воениот рок.
На демонстрант во Москва му било кажано дека може да се соочи со 10 години затвор затоа што одбил да го прифати повикот за мобилизација.
Според рускиот закон, полицијата има моќ да ги сопре луѓето за кои се смета дека избегнуваат мобилизација.
Законот предвидува повеќегодишен затвор и високи парични казни за оние кои ќе ја избегнат воената служба без законска основа за изземање.
„Од 15 полициски управи се добиени информации дека на приведените им биле доставени покани за воен рок“,
се вели во соопштението на ОВД-Инфо.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков не ги негираше споменатите наводи. Тој само рече дека тоа „не е спротивно на законот“.
Странските медиуми наведуваат дека полицијата не била достапна за коментар, ниту канцеларијата за мобилизација.
Според информациите покани за мобилизација наводно биле доставени и до новинари.
Руската телевизија „Дожд“ објави дека Артем Кригер, новинар на порталот SOTA, добил покана откако бил уапсен додека известувал за протестите против мобилизацијата во Москва.
Денеска многу мажи се упатија кон границите на Русија по одлуката за делумна мобилизација. Исто така, има и зголемена гужва на граничните премини со Финска и Грузија, а цените на авионските билети од Москва вртоглаво пораснале.