Од Обвинителството вечерва соопштија дека во тек е акција на полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани за приведување лица за кои постои сомнение за инволвираност во врска со постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“
Уапсени се градоначалникот во оставка на Општина Кочани, Љупчо Папазов, како и поранешните градоначалници Ратко Димитровски и Николчо Илијев, велат извори од истрагата за „360 степени“.

Од Обвинителството вечерва соопштија дека во тек е акција на полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани во врска со постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“.
„Акцијата за приведување лица за кои постои сомнение за инволвираност ќе трае во текот на ноќта“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Повеќе информации најавија за утрешниот ден.
Ратко Димитровски е поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а Николчо Илијев е од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).
Инаку, Папазов, исто така кадар на ВМРО-ДПМНЕ, дента по трагедијата во Кочани (16 март) беше повикан на информативен разговор, кој заврши следниот ден, по што тој беше пуштен без никакви дополнителни мерки.

Од Обвинителството тогаш информираа дека неговиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината.
Во меѓувреме, градоначалникот во објава на Фејсбук соопшти дека си поднесува неотповиклива оставка од функцијата во која ги повика надлежните институции да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани, нагласувајќи дека непостапувањето е исто така одговорност.
Како дел од дејствијата за несреќата во Кочани вчера Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против седум високи полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Штип и Полициската станица од општа надлежност Кочани, на кои им е одреден 30-дневен притвор.
,,360 степени” пред два дена објави дека Општината, според закон, води евиденција за сите угостителски објекти кои започнуваат со работа на нивното подрачје. Дополнително, дел од парите кои се плаќаат за лиценца за кабаре, која мора да се вади еднаш годишно, завршуваат на сметка на општината. Во пракса, тоа значи дека и Општина Кочани требало да знае дека „Пулс“ нема легална лиценца.