„Денеска (20.05.2024 г.) лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, се вели во информацијата од МВР
Судија на Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска бил уапсен од полицијата поради сомневања за примање поткуп.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „360 степени“ ја потврдија информацијата, без да споделат повеќе детали.
Оттаму, на нашите прашања одговорија дека судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело и дека се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител.
„Денеска (20.05.2024 г.) лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител“,
се вели во информацијата од МВР.
Од Министерството не ги наведуваат инцијалите на судијата, ниту за колкава сума на поткуп станува збор. Засега не е познато каде точно полицијата го лишила од слобода судијата.
Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори, објавија дека станува збор за врховниот судија Наке Георгиев, кој бил фатен со 10 000 евра. Тој наводно бил пријавен од лице кое тврдело дека му бил баран поткуп во врска со судски случај. Наводно ветувал олеснителни околности во случајот против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев поврзан со трговија со марихуана.
Полициски извори за телевизијата Телма потврдиле дека судијата Георгиев бил префрлен, односно се наоѓа во полициската станица во Кисела Вода. Во моментот, како што претходно објави телевизијата, е постапката поврзана со судскиот имунитет кој го ужива Георгиев, а за кој одлучува Судскиот совет.
Имено, за имунитетот на судиите е задолжено ова тело, кое при евентуални криминалистички истраги против судии и мерките кои се бараат од надлежените истражни органи треба да биде известено и да донесе одлука во однос на имунитетот.
Инаку, врховниот судија Георгиев кратко беше член на Судскиот совет, но лани во јули си поднесе оставка од оваа функција пред официјално да даде заклетва за да може неговиот син да биде избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје, како завршен кандидат на Акдемијата за судии и јавни обвинители.

Изборот на Наке Георгиев за член на Судскиот совет беше проследен со контроверзии. Имено, против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати за членови на Судскиот совет, на затворен дел од седница, Советот реши да ја запре постапката против Георгиев откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци.
За истиот случај за кој се водеше постапка против овој судија за периодот кога тој беше на чело на штипска Апелација, пак, претходно беа разрешени тројца судии.