МВР соопшти дека станува збор за командирот на ПО Ропотово, инаку 30-годишник од селото Дебреште. Случајот претпладнево го обелодени пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки
Прилепските полицајци го уапсиле својот колега од ПО Ропотово поради сомнение за сторено кривично дело – предизвикување општа опасност. Така соопштија вечерва од МВР, откако утрово пратеникот Драган Ковачки објави видео од маж кој пука со калашников од балкон, додека во околината се случува веселба.

Од МВР појаснија дека настанот се случил на свадба пред околу една недела и дека полицаецот ќе биде суспендиран од службата. Покрај дисциплинската одговорност, ќе се турка и посебна постапка за потенцијална кривична одговорност. Во продолжение е целото соопштение на МВР за настанот.
„Денеска (27.08.2023) од страна на полициски службеници од ОВР Прилеп е лишен од слобода и задржан во ПС ОН Прилеп Е.Р. (30) од с. Дебреште, командир на ПО Ропотово, поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ односно поради основи на сомнение дека на 19.08.2023 на свадба кај негови роднини во семејна куќа во с. Дебреште пукал од огнено оружје. ОВР Прилеп презема мерки за расчистување на случајот во координација со ОЈО Прилеп и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и по целосно расчистување на случајот, до ОЈО Прилеп ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе биде поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и тој ќе биде суспендиран до донесување на решение во дисциплинската постапка“,
соопштија од МВР.
Видеото кое утрово го објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ трае осум секунди и на него се гледа како маж пука со автоматска пушка од балкон. Видно е истакнато турското знаме, а во заднина на видеото се слуша гласна музика, од што можеше да се заклучи дека станува збор за некаква веселба.
Со дивјаштвото и односот од првите луѓе на полицијата, личиме на африканска држава.
— Драган Ковачки (@Kovacki1) August 27, 2023
Ова е во МК, командир на полициска станица, со автоматско оружје предизвикува општа опасност и не одговара за ништо.
Не одговара ниту тој што го поставил.#ДалекуСмеОдЕу pic.twitter.com/MVeBlWwdMd
Опозицискиот пратеник освен што го посочи „сторителот“ како полициски командир, ја обвини и власта за неодговорност.
„Со дивјаштвото и односот од првите луѓе на полицијата, личиме на африканска држава. Ова е во Македонија – командир на полициска станица, со автоматско оружје предизвикува општа опасност и не одговара за ништо. Не одговара ниту тој што го поставил“,
пишува Ковачки во објавата на социјалната мрежа Х, до скоро позната како Твитер.
Подоцна, реакција прати и партијата ВМРО-ДПМНЕ. Го обвинија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека молчи за случајот бидејќи му била потребна поддршката од ДУИ за претседател на државата.
„Автоматско оружје може да има само во АРМ и во МВР, а за цивили истото е забрането. Ова значи дека или оружјето е украдено од склад на МВР и АРМ, или командирот на Полициската станица пука со пушка која нелегално ја поседува или пак дека пука со неговата службена автоматска пушка во сред населено место каде има и други граѓани, односно демонстрира сила и предизвикува општа опасност.
Министерот за внатрешни знае за случајот, но молчи затоа што личниот интерес го става пред државниот. Му треба поддршката на ДУИ за претседател на држава“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, половина час пред МВР да соопшти дека го уапсиле командирот.