Во сообраќајната несреќа што се случи денеска попладне, а во која учествуваа две возила, загина 81-годишна жена, додека возачот на автомобилот „пежо“ со кој патувала и уште едно лице со тешки телесни повредени се пренесени во гостиварската болница
Министерството за внатрешни работи (МВР) вечерва соопшти дека е уапсен 19-годишен возач во врска со сообраќајната несреќа што се случи денеска на автопатот Тетово-Гостивар, а во која животот го загуби повозрасна жена, а две лица беа тешко повредени.

Станува збор за А.А. (19) од селото Градец, кој бил зад воланот на возилото „мерцедес“ кое учествувало во сообраќајната несреќа.
Екипа на Одделението за внатрешни работи (ОВР) Гостивар и надлежен јавен обвинител неколку часа вршеа увид на местото на несреќата, поради што сообраќајот се пренасочуваше по помошните патишта.
„Извршен е увид од ОВР Гостивар и јавен обвинител, по чија наредба возачот А.А. е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
Како што информираат од Министерството, сообраќајката во СВР Тетово била пријавена во 15:30 часот.
Во неа учествувале патничко возило „пежо“ со охридски регистарски ознаки, а управувано од 47-годишниот Г.В. од Охрид и автомобил „мерцедес“, со словенечки таблички, што го управувал 19-годишникот од селото Градец.
На самото место, од здобиените повреди починала 81-годишната охриѓанка Д.М., додека возачот на „пежото“ и уште еден сопатник со иницијали С.В. (69), со тешки телесни повредени се пренесени во гостиварската болница за укажување лекарска помош.