Сацук е триесеттиот новинар меѓу новинарите кои се во притвор и чекаат судење или отслужуваат казна
Сергеј Сацук, главниот уредник на белоруското онлајн издание на „Јежедневник“, денеска е уапсен по претрес во неговиот стан, под обвинение за поткуп што тој го негира. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна затвор до 10 години. Западните медиуми овој потег го оценуваат како „задушување“ на независните медиуми од страна на белоруските власти.
„Новинарството стана една од најопасните професии во Белорусија“,
изјави за Асошиетед прес, Андреј Бастунец, претседател на Белоруското здружение на новинари, a пренесува Бета.
Бастунец рече дека слободата на говор е најмногу загрозена во Белорусија, кога станува збор за Европа, каде што „властите им скусуваат на граѓаните каква било алтернативна информација“.
Медиумите на Сацук редовно известуваа за протестите што избувнаа по резултатите од претседателските избори во август 2020 година, кои опозицијата и Западот не ги признаа, сметајќи ги за наместени.
На почетокот на овој месец Сацук започна нов проект за независни новинари и активисти опишани од белоруските власти како „екстремисти“ и „терористи“.
Сацук е триесеттиот новинар меѓу новинарите кои се во притвор и чекаат судење или отслужуваат казна.
Белоруските власти пред извесен период го забранија најстариот весник во Белорусија, „Наша нива“, сметајќи го за екстремистички. Според таа одлука, секој што ќе објави или пренесе содржина на весникот „Наша нива“ може да добие затворска казна до седум години.