И покрај големиот интернационален успех и популарноста во Македонија, неизвесно е снимањето на втората сезона од ТВ-серијата „Зоки Поки“
Детска телевизиска серија „Зоки Поки“ е првата македонска серија и воопшто прва програма од овие простори која ќе се емитува на националната шведска телевизија СВТ. Десетте епизоди од ТВ-серијата ќе се емитуваат ексклузивно на специјализираниот канал за детска програма „СВТ барн“.
„Многу сум среќен што серијата ‘Зоки Поки’ ги задоволи високите скандинавски стандарди за детска програма. Ова е доказ за универзалноста на серијата и на темите што ги обработува се интересни за децата од целиот свет. Со ова се потврдува вредноста на вонвременското дело на писателката Оливера Николова и за квалитетот на македонските филмски автори. Прикажувањето на серијата на Шведската национална телевизија е голем успех за ‘Кино око’ и за македонската продукција. Во преговори сме за прикажување на серијата во Норвешка, Хрватска, Србија и Словенија“,
вели продуцентот Роберт Насков.
СВТ, шведскиот еквивалент на МРТВ, е најшироко распространетата телевизија во Шведска и таа има најголем опсег на програми од сите телевизии во земјата.

Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки ќе зборуваат на шведски, а преку нивните забавни и поучни искуства ќе се зајакнуваат вредностите на едукација, родова еднаквост, диверзитет и квалитет кон кои се стреми Шведската национална телевизија.
„Приказната за Зоки Поки има во себе еден по малку заборавен свет на вредности кои во нашето детство беа наше секојдневие. Една топлина кога верувавме дека надворешниот свет е најсигурниот и најубавиот свет во кој секое дете има некое свое место. Првата сезона покажа дека публиката и децата ги препознаа овие вредности и дека навистина вредеше да се направи овој проект“,
вели режисерот Александар Поповски.
Неизвесна втората сезона од ТВ-серијата
Модерната екранизација на саканата детска книга на писателката Оливера Николова, со која имаат израснато многу генерации, е во продукција на „Кино око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Десетте епизоди од првата сезона на ТВ-серијата премиерно се емитуваа на првата програма на МРТВ во периодот од мај до јуни 2020 година. Снимањето на втората сезона е сѐ уште во неизвесност.
„И покрај големиот интернационален успех и популарноста во Македонија, сепак е неизвесно снимањето на втората сезона. Се надевам дека оваа вест ќе биде дополнителен мотив за финансиска поддршка на втората сезона од серијата“,
вели продуцентот Насков.
Режисерот Поповски вели дека ќе биде голема штета доколку оваа идејата не продолжи да живее понатаму.
„Навистина чувствувам потреба да кажам дека ќе биде голема грешка доколку тука застанеме и не направиме вистински серијал од повеќе сезони. ʻЗоки Покиʼ може да биде голема инвестиција не само во телевизискиот, туку и во едукацискиот и емотивниот свет кој толку многу ни недостасува“,
додава Поповски.
Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.
Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.