„Брегзит“ е една од најспектакуларните грешки во историјата на Европската Унија, но голема грешка е и француското „не“ за лидерите на Западен Балкан, особено за Скопје, вели Доналд Туск за „Гардијан“ во првото интервју по напуштањето на функцијата претседател на Европскиот совет.
Туск го критикува ставот на Макрон да не дозволи отворање разговори со Северна Македонија и Албанија.
„Мислам дека е направена голема грешка, стратегиска и политичка, по толку многу напор и пожртвуваност, особено во Скопје“, вели Туск за британскиот магазин, кој по заминувањето од челното место во Советот на ЕУ беше избран за претседател на Европската народна партија, најмногубројната политичка групација во Европскиот парламент.
„Француското ‘не’ ги натера водачите во регионот да очајуваат, вклучувајќи го и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, кој се спротивстави на националистите за да стави крај на долгиот спор за името со Грција“, коментира „Гардијан“.
Британскиот весник истакнува дека Туск во разговорот делумно го споредил Макрон со Ангела Меркел, која, според ставовите, се залага за интеграција на шесте земји од Западен Балкан.
„Нејзината единствена предност беше тоа што секогаш беше подготвена да размислува за Европа како целина. И таа беше подготвена да жртвува некаков внатрешен или национален интерес за да ја заштити Европа како целина. Од друга страна, ако сакаме да го третираме Макрон како иден лидер на цела Европа, политички, тогаш ни треба еден политичар кој се чувствува одговорен пред ЕУ како целина, а не само за Франција“, вели Туск во интервјуто за „Гардијан“.