Хабер Глобал пишува дека Турција е подготвена да гарантира непречен премин преку Босфор и Дарданелите за бродовите со жито што доаѓаат од украинските пристаништа. Информацијата до медиумот ја лиферувал извор од турското Министерство за одбрана, а во меѓувреме друг медиум пишува дека првиот украински брод веќе тргнал низ ново поставениот коридор.
Весникот „Гардијан“ исто така информира дека цивилен брод тргнал од Одеса по привремениот коридор создаден откако Москва се повлече од Црноморската иницијатива за жито договорена под покровителство на Обединетите нации.
Во меѓувреме, турското Министерство за национална одбрана соопшти дека Анкара го поддржува продолжувањето на договорот за извоз на жито од украинските пристаништа и внимателно ги следи напорите на другите земји да организираат алтернативни рути низ Црното Море, објави турската телевизија НТВ.
„Нашите напори се главно насочени кон обновување на договорот за коридор за жито. Другите земји работат на алтернативни рути и начини. Сето ова внимателно го следиме. Проблемот е како трговските бродови безбедно да стигнат до турските протоци. Нема да има проблем овие бродови да минуваат низ теснецот“,
соопшти турското Министерство за одбрана.