Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, ја повика денеска Анкара веднаш да ги прекине своите истражувања за наоѓалишта на природен гас во Медитеранот.
Изјавата на Борел следи откако Турција објави дека ги проширува своите активности, кои десетина дена предизвикауваат тензии со Грција, поради што Атина започна дипломатска офанзива за поддршка.
„Поради тензиите во источниот Медитеран, објавата ги поткопува напорите за продолжување на дијалогот и преговорите и е спротивна на смирување на ситуацијата, што е единствениот пат до стабилност и трајни решенија“,
вели Борел што е во согласност со заклучокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во петокот.
Борел ги повикува турските власти веднаш да престанат со активности и со добра волја и целосно да се вклучат во широк дијалог со ЕУ.
Турција денеска соопшти дека ќе ги продолжи пребарувањата за наоѓалишта за гас во спорната зона во источниот Медитеран.

Тензиите во источниот Медитеран започнаа откако пред неколку дена Анкара го испрати бродот „Оруч Рејес“ во истражувачка мисија која Грција ја смета за провокација.
Во неколку наврати турски бродови навлегоа во тетироријалните води на Грција. Турскиот претседател Ердоган се закани дека доколку некој ги нападне, ќе плати голема цена.