Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информира дека освен помошта од Турција, во моментов се разгледува и се договара дополнителна меѓународна помош во воздухоплови кои треба да помогнат во гасење на пожарите
Еден хеликоптер и два „ертрактори“ од Република Турција утринава пристигнаа во земјава и се приклучуваат кон гасењето на пожарите, објави утринава директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Хеликоптерот и двата „ертрактори“ утринава слетале на Меѓународниот аеродром Скопје и оттаму ќе се упатат кон некои од активните пожари.
Двата турски „ертрактори“, заедно со двата „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) ќе се приклучат кон гасење на пожарот во Општина Ново Село во непосредна близина на границата со Бугарија на планината Огражден, а хеликоптерот испратен од Турција ќе им се приклучи на полицискиот и армискиот хеликоптер кои во моментов интервенираат на пожарот на планината Серта.
Фокус во текот на денот, како што вели Ангелов, ќе биде ставен на овие два пожара.
„Од земја гасат значителни сили, имаме поголем број на пожарникари од локалните Територијални противпожарни единици, ним им помагаат припадници на ловечкото друштво, јавните комунални претрпијатија од овие две општини и одреден број локално население. Истовремено покрај гаснењето на пожарот од воздух се обидуваме да пробиеме патишта за да на некои места со теренски возила исфрлиме пожарникари“,
вели Ангелов во утринското видеообраќање од терен.
Сепак, посочува дека се работи за исклучително тежок терен испресечен со долови, карпест и ридски терен со бујна вегетација, трње, грмушки, нискостеблесто растение, но и шума, што, како што вели, исклучително го отежнува движењето на пожарникарите за да дојдат и да интервенираат до горливите точки.
„Во текот на вчерашниот ден успеавме благодарение на припадните на Армијата да изгаснеме неколку критични точки, а исто така помогнаа и припадниците на МВР од Единицата за брзо распоредување. Денеска повторно на помош имаме 103 припадници на Армијата, како и 30 од МВР кои ќе дадат придонес во совладувањето на овој пожар, а дополнително разгледуваме и договараме дополнителна меѓународна помош во воздухоплови“,
додава првиот човек на ЦУК.
Владата во саботата прогласи кризна состојба поради зголемениот број на пожари во земјава.