Секторите туризам и угостителство треба да работат и во недела, имајќи предвид дека сакаме да го зголемиме туризмот во нашата држава и да привлечеме што е можно поголем број странски туристи, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
„Согласно Законот за трговија и Законот за туристичка дејност и угостителство, ние ги пративме нашите предлози, анализи и компаративни анализи кои сме ги направиле со соседните држави, но и со државите од Европската Унија. Имајќи предвид дека сакаме да го зголемиме туризмот во нашата држава и да привлечеме што е можно поголем број странски туристи, секако дека Секторот туризам и угостителство треба да работи и во недела, а за трговијата, посебно кај големопродажбата, би можеле да направиме промени“,
рече Бектеши.
Тој нагласи дека првично треба да се направат консултации со стопанските комори.
Предлог-измените во Законот за работни односи ги подготви Министерството за труд и социјална политика, од каде што рекоа дека очекуваат секое министерство за своите сектори да испрати предлози и да се направат консултации за приспособувањата во другите закони.
Покрај ставот на Министерството за економија дека туризмот и угостителството треба да работат, од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) се со став дека во законското решение треба да стои дека недела е ден за одмор, а секој што ќе работи тој ден да добива зголемена дневница за 50%.