Граѓани ги продаваат 6000 денари вредните ваучери за туризам, кои можат да се искористат за одмор во некои од туристичките дестинации во земјава. Во сторијата на ТВ Алсат се открива дека на специјализираните интернет-страници за продажба се нудат и овие ваучери за цени од по 3000 и 4000 денари, а има и такви кои продаваат и по два ваучери. Според информациите на телевизијата, исто така, наместо да одат на одмор, граѓани им ги нудат своите ваучери на хотелиери или на сопственици на приватни апартмани. И од асоцијацијата на хотелиерите велат дека чуле за тоа.
„Има некои такви барања. Секогаш имало за било кој тип на донации и ваучери или помош, некој да си искешира на некој начин, отколку да ја употреби за таа намена за тоа што е даден тој ваучер. Не сум слушнал некој да има некаде направено такво нешто, бидејќи самите хотелиери не се заинтересирани за такви зделки. Тоа се многу мали зделки, за кои не вреди да се размислува“,
вели за Алсат, претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.
Од организацијата на работодавачи велат дека не се изненадени од ваквата појави.
„Се случува да се продаваат, да се отстапуваат ваучерите. Тоа покажува две работи. Повторно наш неетички менталитет во пристапот кон оваа помош и друга работа што е посериозна е сиромаштијата на граѓаните. Тие и добиле ваучери и повторно не одат на одмор. Хотелиерите и сите во туризмот што ќе ги откупат тие ваучери повторно ќе имаат некаков приход, но трагедијата е поголема во тоа што луѓето на кои се доделени повторно нема да ги искористат“,
смета Миле Бошков, претседател на организација на работодавачи.
Бошков вели дека е тешко да се утврди кој продава, а кој ги купува ваквите ваучери. Затоа, според него, тие уште на самиот почеток предложиле сите граѓани да добијат ваучери за туризам, бидејќи така ќе имало поголем ефект, а помали злоупотреби.