По извлекувањето, странскиот државјанин со полициски глисер преку езерото бил пренесен до возило на Итната помош, а потоа во болница на понатамошен третман
Екипа на охридската противпожарна единица попладнево извлекла странски државјанин кој паднал на непристапен терен во близина на хотел во Охрид и се здобил со телесни повреди, соопшти Центарот за управување со кризи.

Како што информираат оттаму, случајот во ЦУК преку единствениот повикувачки број бил пријавен од Итната помош од Охрид, чија медицинска екипа поради непристапноста на теренот не можела да интервенира.
Поради оваа околност, од Центарот за управување со кризи биле известени пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид, полицијата од Секторот за внатрешни работи Охрид и Планинарската спасувачка служба „Патагонија“.
„Екипата од ТППЕ Охрид интервенирала со едно противпожарно возило и тројца пожарникари, при што лицето било извлечено од местото на настанот“,
се вели во информацијата од ЦУК.
По извлекувањето, странскиот државјанин со полициски глисер преку езерото бил пренесен до возилото на Итната помош, а потоа во болница на понатамошен третман.
За случајот попладнево информираа од Секторот за внатрешни работи Охрид, од каде што станува збор за 45-годишно лице од Англија кое паднало од карпа на охридското крајбрежје во близина на хотелскиот комплекс и се здобило со повреди. Случајот во полицијата бил пријавен во 12:45 часот.
„На посоченото место веднаш биле упатени полициски службеници од Полициската станица Охрид, како и од Полициската станица за граничен надзор ‘Охридско Езеро’. По преземените мерки, лицето е извадено и констатирано е дека се работи за С. М. А. (45) од Англија. Лекар од Итната медицинска помош, кај него констатирал телесни повреди, по што, со пловен објект на Полициската станица за граничен надзор е транспортиран до Езерската полиција. Оттука, повредениот, со медицинско возило е пренесен до болницата ‘Свети Еразмо’ во Охрид“,
информираат од СВР Охрид.