Министерот за правда нагласи дека до донесувањето на новиот закон, целта на овие измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации, за чие усвојување практично има консензус и од опозицијата и од власта, е да може веднаш да се реагира и да се амортизираат, односно неутрализираат состојбите коишто настанаа во оваа сфера
Секое добро решение ќе биде прифатено, без разлика дали доаѓа од власта или опозиција. Ако предлогот е добар и конструктивен ќе биде прифатен, изјави министерот за правда Никола Тупанчески коментирајќи го Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации поднесен до Собранието од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со кој треба да се спречи имиња на контроверзни личности да бидат вклучени во називите на здруженија на граѓани.
Тој нагласи дека до донесувањето на новиот закон, целта на овие измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации, за чие усвојување практично има консензус и од опозицијата и од власта, е да може веднаш да се реагира и да се амортизираат, односно неутрализираат состојбите коишто настанаа во оваа сфера.
На новинарско прашање дали ќе побара преименување на постојните бугарски здруженија, во однос на чии цели веќе реагираа и граѓани и Комисијата за спречување на дискриминација, Тупанчевски изјави дека легалистички гледано одредбите не треба да се применуваат ретроактивно, меѓутоа доколку се констатира дека има одредена неправилност или активност што не е во согласност со законот, има и други институции кои имаат можност да постапуваат.
„По сето она што е во рамките на Министерството за правда ќе биде постапено. Меѓутоа, дефинитивно, за жал, постојниот закон не дозволува големи можности за реакција од страна на Министерството за правда. По донесувањето на новите измени, зависи какви ќе бидат измените, бидејќи има одредени амандмани, ќе треба тие попрецизно да се уредат и она што се нарекува правна празнина да биде пополнета. Во таа насока сигурно и точно ќе се знае кое тело со какви надлежности ќе биде и во кое време треба да постапи“,
истакна министерот Тупанчески.
ВМРО-ДПМНЕ во измените на Законот предлага измена на ставот 2 од членот 4 на актуелниот Закон и тој да гласи:
„Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица“.
Потоа, во членот 8 се додава нов став 4 кој гласи: „Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по било кој основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.“
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предлага два нови члена – член 9-а, кој се однесува на употребата на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност и според кој согласност за тоа треба да даде министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности.
Структурата и надлежностите на Комисијата за употреба на имињата се регулирани со членот 9-б.
Во него стои дека Комисијата за употреба на имиња ја формира министерот за правда, Комисијата е составена од 5 членови и од кои еден член доаѓа од Министерството за правда од редот на раководните вработени, на предлог на министерот за правда, еден член од Министерството за култура од редот на раководните вработени, на предлог на министерот за култура, еден член од Институтот за национална историја, два члена од Македонска Академија на Науките и Уметностите (МАНУ), претседател избираат членови со мнозинство гласови. Потоа во истиоt член се наведува дека Комисијата дава мислење за употреба на име, скратено име/и или назив на организација, за својата работа носи деловник, просторните и технички услови ги обезбедува Министерство за правда, видот, висина и критериумите за надоместокот за Комисијата го пропишува министерот за правда.
Законските измени предложени од ВМРО-ДПМНЕ предвидуваат тие да важат ретроградно, односно и веќе основаните здруженија да имаат обврска да ги променат имињата, односно да ги усогласат со одредбите на Законот, а доколку не го сторат тоа ќе бидат избришани од Централниот регистар.