Случајот го пријавил планинар кој дошол до полициската станица Стрезимир, бидејќи во таа област немало мобилна телефонска мрежа, а потоа и лекарите од брзата помош и оние во гостиварската болница констатирале смрт
Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска соопшти дека маж на 60-годишна возраст починал од инфаркт на патеката во повисоките делови на Кораб. Тој бил дел од група од 18 планинари.
„Денеска, Регионалниот центар за управување со кризи РЦУК Тетово, извести дека утрово од полициска станица Стрезимир биле известени дека 60-годишен член на група од 18 планинари добил инфракт, додека се движеле по планинска патека на повисоките делови од Кораб, на еден километар над станицата. Случајот го пријавил планинар кој дошол до полициската станица Стрезимир, бидејќи во таа област немало мобилна телефонска мрежа“,
се вели во соопштението.
Од ЦУК велат дека покрената била спасителна акција, но за жал и на терен во планината со спасителната група од полицајци и планинари, а потоа и по прегледот од страна на лекарската екипа од Брза помош е констатирано дека планинарот веќе бил починат.
„Конкретно, од страна на Полициска станица – Караула Стрезимир било пратено едно возило со двајца полицајци до место каде што патот бил прооден за возило. Потоа, полицајците и групата палнинари продолжиле нагоре пеш за да се сретнат со планинарите, коишто го извлекувале човекот кој добил инфаркт, за да помогнат и надолу да го пренесат до теренското возило, а потоа и до можно место за превоз со медицинско возило, односно да се сретнат со возилото на Брзата помош. Во меѓувреме била информирана Брзата помош од Гостивар која пратила едно возило, за да се добие во време и да се искористи проодноста на патот до каде може нивното возило да се движи. Но, за жал и при првиот контакт на терен во планината со спасителната група од полицајци и планинари и по прегледот од страна лекарската екипа од Брза помош, со која се пресретнале на патот каде можело нивното возило да се движи, е констатирано дека планинарот којшто добил инфаркт веќе бил починат. За да сето тоа да биде и согласно процедурите за такви случаи, е потребно на место на настанот, покрај присутност и медицинска констатација на доктор од брза помош, да се чека да пристигне и јавен обвинител од Гостивар“,
појаснуваат од ЦУК.