Под контрола е пожарот во близина на депонијата во Општина Делчево, а од ЦУК велат дека изгаснати се вкупно шест пожари

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека денеска до 13 часот на територијата на државата се регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор. Од нив, пет се сѐ уште активни, еден е ставен под контрола, додека шест се целосно изгаснати.
Според информациите од ЦУК, активен се пожарот во Општина Студеничани меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде што гори мешана шума.
Во Општина Македонски Брод активен пожар има на месноста Видуш, како и во близина на селата Драгов Дол и Локвица каде се зафатени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Активни пожари има и во Општина Јегуновце и Сарај, кај селата Копанце и Туденце, кој се шири кон селото Бојане и каде гори мешана шума.
Шумски пожар има во Општина Старо Нагоричане во реонот на селата Орах, Диманце и Руганце, каде од оганот е зафатена и една куќа.
Ниска вегетација гори во Општина Прилеп, во атарот на селото Чаниште.
Од ЦУК велат дека под контрола е пожарот во близина на депонијата во Општина Делчево.
Изгаснати пожари, како што додаваат, има во општините Брвеница, Кратово, Ранковце, како и во Студеничани и во Зелениково.
Изгаснат е и големиот пожар кој ги опфати регионите на Велес и Зелениково, односно кај селото С’лп и местото викано Горно Село, а кој се ширеше кон селата Карабуниште, Бузалково, Добрино и Тисовица.
