„Состојбата со пожарот во Охридскиот регион е стабилна благодарение на преземените интензивни активности за гаснење од земја и воздух, кои ќе продолжат и денеска“, вели градоначалникот на Охрид
Со помош на два хеликоптера, кои полнат вода од Охридското Езеро, од утрово се гасат пожарите над селата Косел и Опеница, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму велат дека покрај тоа што се дејствува од воздух, на терен се распоредени противпожарни екипи, екипи на јавните претпријатија и на подружницата на „Македонски шуми“, како и месно население. Според последните информации на ЦУК, овој пожар е ставен под контрола.
„Со механизација е направен појас околу најкритичните места, со цел да се спречи ширење на пламенот кон боровата шума. Доколку таа биде запалена, тешко ќе се изгаси“,
информира ЦУК.
Кирил Пецаков, градоначалникот на Општина Охрид, очекува во текот на денот да биде изгаснат пожарот кај селото Косел.
„Состојбата со пожарот во Охридскиот регион е стабилна благодарение на преземените интензивни активности за гаснење од земја и воздух, кои ќе продолжат и денеска“,
вели Пецаков.
Од ЦУК информираат дека во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 29 пожари на отворено, од кои во моментов пет се активни, три се ставени по контрола, а 21 се изгаснати.
Сè уште гори во Општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница со крак кон Јасен, во Општина Демир Хисар – Охрид, кај Илинска Планина и село Базерник, во Општина Гевгелија, кај селата Фурка кон Каравалија, во Општина Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода, м.в. Темна Бука и во Општина Пробиштип кај селата Зелениград и Јамиште.