Екипите на надлежните претпријатија се на терен и работат на расчистување и посолување на патиштата, а во дел од планинските населени места се очекува расчистувањето да продолжи и во текот на денот

Сите магистрални, регионални и локални патишта во поголем дел од земјава се проодни, но сообраќајот се одвива во зимски услови, со влажни коловози и остатоци од кашест снег, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) во информацијата за состојбата со врнежите од дожд и снег и проодноста на патиштата до 13:30 часот. Најизразени проблеми има во повисоките населени места во Тетовскиот, Гостиварскиот и Мавровскиот Регион, каде механизацијата е ангажирана на расчистување на патните правци.
Во Тетовскиот регион сите магистрални и регионални патишта се проодни, но сообраќајот се одвива отежнато, во зимски услови, со остатоци од кашест снег на коловозите. Засега нема забрани за движење, а екипите на ЈП „Македонија пат“ работат на дополнително расчистување и проширување на коловозите.
Во Општина Тетово исчистени се патните правци во градот и населените места на пониска надморска височина, додека механизацијата е упатена кон повисоките планински населени места. Без електрична енергија се Попова Шапка, Лисец и Гајре.
Проодни се и регионалните и локалните патишта во Општина Брвеница, вклучително и патот до Гургурница, каде механизацијата работи на дополнително расчистување. Без струја се Горен Челопек, Долен Челопек и Милетино.
Од ЦУК велат дека во Јегуновце, Желино и Теарце патиштата се проодни, а сообраќајот се одвива редовно, без пријавени проблеми.
Во Општина Боговиње патиштата во населените места на пониска надморска височина се проодни, додека екипите работат на расчистување кон Урвич и Јеловјане. Без електрична енергија се Камењане, Палчиште и Калник.
Според податоците од ЦУК, во Гостивар исчистени и проодни се патиштата во градот и пониските населени места. Екипите работат на расчистување кон повисоките планински населени места, а се очекува тие патишта да бидат проодни во периодот од 16 до 17 часот. Без електрична енергија се Вруток, Ново Село, Цветково, Церово, Речане, Беловиште, Здуње, Градец, Горна и Долна Бањица, Сушица, Ѓоновица, Куново, Трново, Трница, Врбјане, Сенче, Волковија, Нистрово и Белица.
Во Врапчиште се расчистуваат патиштата кон повисоките планински населени места, меѓу кои Ѓурѓевиште, Врањовце и Ломница, додека патиштата во пониските населени места се проодни.
Во Маврово и Ростуше, се додава во информацијата од ЦУК, има снежна покривка од околу 3 до 4 сантиметри во Ростушкиот дел, додека во Мавровскиот дел снегот е во поголемо количество. Екипите се на терен и работат на расчистување на патните правци.
Во Кумановскиот, Кривопаланечкиот и Кратовскиот регион патната инфраструктура е проодна, а екипите за зимско одржување работат на расчистување и посолување на коловозите. Во моментов нема врнежи.
Во Куманово и Липково сите патни правци се проодни, додека во Старо Нагоричане има снежна покривка од 3 до 5 сантиметри, но патиштата се проодни.
Во Крива Паланка прооден е експресниот пат до граничниот премин „Деве Баир“, како и патните правци кон Калин Камен, Конопница и Дурачка Река. Расчистувањето кон планинските села ќе продолжи во текот на утрешниот ден, додаваат од ЦУК.
Во Кратово има повремени врнежи од снег, а во градот снежната покривка е околу 5 сантиметри. Екипите вршат посипување на коловозите со ризла и сол. Во Мушково има околу 15 сантиметри снег, поради што движењето се одвива со теренски возила.
Од Водостопанство „Кумановско-Липковско Поле“ информираат дека засега нема опасност од излевање на реките на подрачјето на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
Во Скопскиот регион сите патишта се проодни, но сообраќајот се одвива во зимски услови, со влажни коловози и на одредени места со кашест снег. Екипите на локалната самоуправа од раните утрински часови се на терен и вршат посипување на улиците со сол.
Од ЦУК информираат дека и во Штипскиот регион сите магистрални, регионални и локални патишта се проодни. Сообраќајот се одвива непречено, по влажни коловози, а на одредени места има слаби врнежи од снег. Патиштата редовно се расчистуваат.
Во Битолскиот регион сите регионални патни правци се проодни, со остатоци од кашест снег на коловозите.
Во Струмичкиот регион нема врнежи од снег, а патните правци се чисти и проодни, со влажни коловози. И во Охридскиот регион сите патишта се чисти и проодни, но коловозите се влажни.
Во Велешкиот регион има врнежи од снег и дожд кои брзо се топат. Коловозите се влажни, но на магистралните и регионалните патишта нема пријавени поголеми потешкотии, а сообраќајот се одвива нормално во зимски услови. На повисоките планински места има снежна покривка од околу 10 сантиметри, која засега не предизвикува проблеми. Екипите на надлежните јавни претпријатија вршат расчистување и посолување на коловозите.
Од ЦУК апелираат до граѓаните, доколку се соочат со блокирани патишта, отежнато одвивање на сообраќајот, поплави или други итни ситуации, да го контактираат единствениот број за итни повици 112.
