Активни и понатаму се огнените стихии кај селото Фурка кон Богданци, кај селото Слатина на територијата на Македонски Брод, пожарот на Галичица, како и кај селата Папрадиште и Ореше во општина Чашка, како и кај селото Градманци во општина Петровец
Во текот на денешниот ден до 13 часот на територијата на државата имало вкупно 16 пожари на отворен простор. Од нив, како што информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, седум се активни, шест се ставени под контрола, додека три се изгаснати.
Од активните пожари, и понатаму гори на потегот село Тажево – село Брезница и кракот кон Јасен на територијата на општина Македонски Брод, а надлежните сè уште се обидуваат да ги стават под контрола пожарите на Илинска Планина, селата Витово, Базерник, Мали Илино и Брежани во општините Демир Хисар и Охрид.
Активни и понатаму се огнените стихии кај селото Фурка кон Богданци, кај селото Слатина на територијата на Македонски Брод, пожарот на Галичица, како и кај селата Папрадиште и Ореше во општина Чашка, како и кај селото Градманци во општина Петровец.
Според пладневната информација на ЦУК, под контрола се пожарите на териториите на општина Пробиштип: село Зелениград – село Јамиште ; општина Охрид: Косел – Расино – Опеница – Вапила; општина Пласница: село Пласница (изгаснат), село Латово (сè уште чади); општина Делчево: Депонија Делчево; општина Зелениково: село Вражале и на територијата на општина Студеничани кај селата Драчевица и Црвена Вода.
Од изгаснатите три пожари еден е на територијата на општина Валандово, кај селото Пирава, додека два се во општина Гостивар.