Селата Пласница и Ораоец, на чиј потег се случил нападот, се оддалечени на околу 70 километри од Националниот парк „Маврово“ од каде што мечките во последно време почнаа зачестено да се симнуваат во населените места во потрага по храна
Возрасен маж се здобил со телесни повреди откако во текот на вчерашниот ден бил нападнат од мечка, информираат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Нападот се случил на потегот помеѓу селата Пласница и Ораоец, во рамки на Општина Македонски Брод.

Од ЦУК информираат оти човекот бил спасен од ловџии кои случајно се нашле во близина на местото на нападот.
„Откако слушнале повици за помош, ловџиите испукале неколку истрели во воздух по што мечката побегнала“,
посочуваат од ЦУК.
Селата Пласница и Ораоец, на чиј потег се случил нападот од дивото животно, се оддалечени на околу 70 километри од Националниот парк „Маврово“ од каде што мечките во последно време почнаа зачестено да се симнуваат во населените места во потрага по храна.
На крајот на септември годинава општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на општината поради зголемено присуство на мечки на овие простори и опасноста којашто тие ја имаат по локалното население.
По однос на проблемот во Маврово и Ростуше, Владата им даде рок од три месеци на Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за животна средина да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат мечките. За координација на активностите на институциите, пак, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Владата претходно донесе превентивни мерки кои треба да го намалат присуството на мечките во Маврово и Ростуше. Препорачано беше чистење на ѓубриштата во и околу населените места, како и контролирање на сите придружни објекти во кои се чува храна, добиток или пчели, а тие да бидат обезбедени со ограда под електричен напон, а местата за одлагање на комунален отпад да бидат затворени со метална ограда.