Уште една важна точка во здравствениот протокол е бесплатниот третман на туристите во случај на коронавирус, како и бесплатниот ПЦР-тест за враќање на туристите во својата матична земја
Сите туристички работници во Црна Гора што се вакцинирани ќе имаат беџ кој ќе ги информира туристите дека се безбедни. Ова е содржано во здравствените протоколи на Институтот за јавно здравје, кои денеска ги презентира црногорската министерка за здравство Јелена Боровиниќ-Бојовиќ.
Уште една важна точка во здравствениот протокол е бесплатниот третман на туристите во случај на коронавирус, како и бесплатниот ПЦР-тест за враќање на туристите во својата матична земја.
„Препорачуваме сите вработени во туризмот да бидат вакцинирани, бидејќи тоа е исклучително важно за безбедноста и на туристите и на самите вработени. Работиме на воведување значки на кои ќе пишува ‘Јас сум вакциниран. А ти?’, што првенствено ќе им сугерира на оние што не биле вакцинирани да го сторат тоа. Исто така, ќе го знаеме бројот на лица што биле имунизирани, а тие исто така ќе им дадат на туристите сигурност, знаејќи дека се во контакт со вакцинирана личност“,
рече Боровиниќ-Бојовиќ.
Министерката ги повика претставниците на туристичката индустрија, во духот на општествената одговорност, но и должноста на професијата, да влијаат на нивните вработени да бидат вакцинирани бидејќи на тој начин тие се штитат себеси, семејството, но и туристите.
Таа го објасни и начинот на санкционирање и одговорноста за неносење маски на гости и вработени во туристички објекти.
„Доколку гостинот одбие да носи маска при посета на ресторан, целосната одговорност е негова, а одговорноста на угостителот е исклучиво поврзана со непочитувањето на мерките од страна на вработените во тој објект“,
рече министерката.