На вечерашната седница, освен одлука за статутарни измени, Централниот комитет го овласти лидерот на партијата Христијан Мицкоски да преговара за состав на ново парламентарно мнозинство
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната седница донесе одлука за измени на Статутот на партијата, со кои, меѓу другото, се ограничува мандатот на претседателот на партијата и на функционерите во сите партиски тела и органи.
Со нив се предвидува лидерот на партијата да има мандат од 4 години и можност да биде реизбран 3 пати, под услов третиот пат да биде поддржан со двотретинско мнозинство од партискиот конгрес.
„ВМРО-ДПМНЕ на претседателот на партијата, претседателите на општинските комитети, како и на претседателите и членовите на сите органи и тела кои се бираат на Конгрес, согласно новиот Статут, им го ограничува мандатот на 4 години, при што максимум на истата функција, кој и да било од овие функционери, може да се задржи најмногу три мандати, и тоа под услов, третиот мандат да е избран од страна на партиските органи и тела со 2/3 мнозинство. Со овој Статут, на сите останите партиски функционери во сите органи и тела се ограничува на 2 години. Барањето за вонреден Конгрес, освен претседателот на партијата, може да поднесат и една половина од членовите на Централниот комитет. Досега беше 2/3 сега е доволен број на ½ за да може да се одржи вонреден Конгрес“,
рече на прес-конферениција претседателот на статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски.
Тој вели дека измените на Статутот на партијата се во насока на демократизација на партијата.
„Новите измени се револуционерни, во насока на поголема демократија во водењето на партијтата, повеќе право на одлучување на комитетите и членовите во водењето на политиките на партијата и се плод на повеќегодишна анализа. Во иднина членовите на советите во едниците на локалната самоуправа ќе се бираат на ниво на општински комитети. Тоа е драстично демократизирање во однос со она што било досега. Овој Статут, најодговорно тврдам, е најдемократскиот статут на било која партија“,
рече Тошковски.
На вечерашната седница Централниот комитет на партијата ги потврди одлуките на Извршниот комитет и едногласно го овласти претседателот на партијата Христијан Мицкоски да преговара за состав на ново парламентарно мнозинство.