На церемонијата присуствуваше Калед Машал, кој се очекува да биде новиот политички лидер на палестинската група, катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамад ал Тани, како и други претставници на Хамас

Денеска во Доха се одржа церемонија за убиениот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, на која присуствуваа официјални претставници. Погребот ќе биде извршен денеска во градот Лусаил, северно од катарскиот главен град.
На церемонијата присуствуваше Калед Машал, кој се очекува да биде новиот политички лидер на палестинската група, катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамад ал Тани, како и други претставници на Хамас.
Ковчегот на лидерот на Хамас беше обвиен со палестинско знаме во џамија во Доха.

Ханије беше убиен во средата, а Хамас и иранската Влада ветија одмазда против Израел, сметајќи дека Тел Авив е одговорен за убиството.
Американскиот претседател Џо Бајден пак, изјави дека убиството на лидерот на Хама воопшто нема да помогне да се постигне договор меѓу Израел и палестинската милитантна група за ставање крај на конфликтот во Појасот Газа.
Израел ниту потврди ниту емантираше вмешаност во експлозијата при која загина лидерот на Хамас. Иранските државни медиуми и Хамас претходно сугерираа дека Ханије е убиен од ракета истрелана надвор од зградата.
Поради убиството на Ханије, Иран му се закани на Израел со одмазда, што поттикна загриженост за ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.