Централниот регистар соопшти дека постапува согласно важечкиот Закон за здруженија и фондации во кој посочуваат дека не се предвидени посебни одредби за спорни и негативни личности од историјата
„360 степени“ денеска ја објави писмената согласност што ја дал лично Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, за здружението во Охрид да го носи името на неговиот татко
Во Законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби (Регистар) за спорни и негативни личности од историјата, информираат од Централниот регистар на Република Северна Македонија и посочуваат дека во своето работење секогаш постапуваат и се водат согласно постоечките закони во државата.
Ваквиот став од Централниот регистар доаѓа по реакциите во јавноста, особено од eврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, од каде што соопштија дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети” и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот“.
„Централниот регистар постапува согласно важечкиот Закон за здруженија и фондации во кој е наведено дека правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст: организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон. Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“,
стои во нивното соопштение.
Посочуваат на членовите 65 и 66 од Законот за здруженија и фондации во кои се предвидени можности за иницирање забрана за работата за организацијата.
„Согласно член 66 секој може и има право да поднесе иницијатива за забрана на организацијата пред надлежен јавен обвинител доколку дејствувањето е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“,
велат од институцијата.
По реакциите од eврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, поради регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети”, од Министерството за правда вчера рекоа дека до нив не било доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација.
Подоцна во денот од Централниот регистар соопштија дека Здружението е впишано во согласност со Законот за здруженија и фондации.
„360 степени“ денеска ја објави писмената согласност што ја дал лично Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, за здружението во Охрид да го носи името на неговиот татко. Писмената согласност од Симеон Сакскобурготски е дел од документите со кои Централниот регистар го впишал здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“-Охрид, а во кои „360 степени“ имаше увид.